Трособен стан од 84m2 во Карпош 2.2

Преку миксот на пудресто розова и сива боја, во ентериерот е постигнат воодушевувачки отмен и луксузен ефект.

Никогаш не ни е доста од убави и инспиративни простори. Особено кога нудат нови прекрасни идеи, па одново нѐ изненадува креативноста на експертите за внатрешно уредување.


Трособниот стан што денес ви го прикажуваме е исклучително софистициран, а наменет е младо семејство со деца. Станот е скоцкан со внимателен избор на бои, текстури и висококвалитетни материјали, а надополнет со раскошни златни детали.

За луксузниот амбиент во голема мера е заслужна пастелната палета, која на деликатен начин ги обединува нежните розови и сиви нијанси, но и гламурозните декорации во Дабар стил.

Сè е добро испланирано – од меката гарнитура за седење во дневниот престој, преку мермерниот шанк што ги раздвојува кујната и трпезаријата, па до оригиналните теми на спалната и детската соба.